Македонија и Албанија гласаа „воздржани“ за „Заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарните обврски во Газа“

Албанија и Македонија се воздржани – остатокот од регионот „за“

Обединетите нации во четвртокот со огромно мнозинство усвоија резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници што ги држи Хамас и неограничен хуманитарен пристап до два милиони Палестинци. Резолуцијата беше изгласана со 149 гласови „за“, 12 „против“ и 19 „воздржани“ од вкупно 193 држави-членки на Генералното собрание на ОН.

Меѓу воздржаните земји се најдоа Северна Македонија и Албанија, единствени од Балканот кои не ја поддржаа резолуцијата. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ја образложи позицијата на македонската влада со тоа што резолуцијата, според него, „не е резолуција за мир“, и содржела елементи спротивни на националните интереси.


Муцунски: „Сакаме мир, но не можеме да поддржиме ваква резолуција“

На заедничката прес-конференција со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во Скопје, Муцунски изјави дека главниот проблем со резолуцијата била нејзината нејасна дефиниција на Хамас, за кој тој вели дека е терористичка организација.

„Во таа резолуција ќе видите аргументи спротивставени со основните принципи на меѓународното јавно право. Нема јасно дефинирање што е Хамас, што правел, и затоа не можеме да ја поддржиме“, рече Муцунски.

Тој додаде дека поединечни елементи на резолуцијата биле во судир со македонските државни интереси.

САД и Израел меѓу противниците на резолуцијата

САД и Израел, заедно со уште десет држави, гласаа против. Израелскиот амбасадор Дани Данон ја нарече резолуцијата пристрасна бидејќи не содржи осуда за нападите на Хамас од 7 октомври, кога беа убиени околу 1.200 луѓе и земени 251 заложници. Израел и САД тврдат дека резолуцијата испраќа „погрешна порака“ до Хамас и терористички групи поддржани од Иран.


Во Газа – катастрофална хуманитарна состојба

Воената операција на Израел, според Министерството за здравство во Газа, досега одзела над 55.000 палестински животи, меѓу кои мнозинство се жени и деца. Израел тврди дека се убиени над 20.000 милитанти, но досега нема приложено независни докази.

Организациите за човекови права предупредуваат дека гладот е масовен во Газа, и дека над два милиони луѓе се соочуваат со опасност од целосна хуманитарна катастрофа, доколку не се укине блокадата и не запре бомбардирањето.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости