Израелскиот генерален конзул во Индија, Јанив Ревах, го осуди американскиот православен рабин со израелско потекло Јосеф Мизрахи, кој преку својата интернет-платформа „Divine Information“ објавил видео во кое со потценување зборува за хиндуистичките верски традиции поврзани со почитувањето на кравите и практиката на консумирање кравја урина(мочка од крава).
Мизрахи, исто така, дал навредливи изјави за индиските лекари.
Израелскиот дипломат нагласил дека рабинот не ја претставува ниту еврејската заедница ниту државата Израел, притоа упатувајќи извинување во име на земјата.
Видеото било преземено од проповед емитувана на Јутјуб-каналот на Мизрахи на 28 октомври 2026 година. Ревах ги опишал неговите изјави како „одвратни и крајно навредливи“.
Конзулот дополнително изјавил дека Мизрахи е целосно отфрлен од водечките еврејски заедници во Израел и Велика Британија, нарекувајќи го „кловн“ чии ставови не ги одразуваат мислењата на еврејската заедница или на израелската држава.
Реакции и последици за односите меѓу Израел и Индија
На критиките им се приклучил и израелскиот истражувач Јешая Розенман, кој живее и студира во Индија. Тој јавно го осудил Мизрахи, оценувајќи дека штетата што неговите изјави ја нанесуваат на меѓународниот углед на Израел е „зачудувачка по својот обем“. Розенман изразил надеж дека на рабинот во иднина ќе му биде забранет влез во Израел.
Индија е еден од важните стратешки партнери на Израел во Азија. Двете земји соработуваат во областа на одбраната, безбедноста, разузнавањето и технологијата, а нивните билатерални односи во последните години дополнително се продлабочуваат.
Изјавите на Мизрахи предизвикаа реакции не само во Индија, туку и во Израел, особено поради чувствителноста на верските прашања и значењето на односите меѓу двете земји.





