Долниот дом на холандскиот парламент доцна синоќа усвои два нови закона со кои значително се заоструваат условите за барателите на азил. Новите мерки предвидуваат:
-
Намалување на времетраењето на привремениот престој од пет на три години
-
Суспендирање на издавањето нови дозволи
-
Дополнителни ограничувања за семејно обединување
Иако законите добија зелено светло во долниот дом, сè уште треба да бидат изгласани и во горниот дом на парламентот по летната пауза. Доколку таму бидат одбиени, ќе се вратат повторно на разгледување во Долниот дом.
📌 Посебна тензија предизвика амандманот со кој се криминализира помошта за недокументирани мигранти, поднесен во последен момент од пратеник на антиимигрантската Партија за слобода (ПВВ) на Герт Вилдерс. Амандманот беше усвоен со тесно мнозинство, при отсуство на некои опозициски пратеници, што доведе до повлекување на поддршката од страна на христијанските демократи.
Хуманитарните организации, вклучително и Холандскиот Црвен крст, предупредуваат дека ваквата регулатива може да ги изложи на кривичен прогон и тие, и граѓаните што нудат основна хуманитарна помош. Според проценките, во Холандија живеат меѓу 23.000 и 58.000 луѓе без официјален статус.
Законот доаѓа како дел од поширока стратегија за рестриктивни миграциски мерки, кои ги турка актуелната владејачка коалиција, предводена од Вилдерс. Иако коалицијата се распадна минатиот месец поради несогласувања токму околу миграцијата, Владата продолжува да носи остри мерки пред вонредните избори закажани за 29 октомври.
📊 Партијата на Вилдерс моментално води во анкетите, но со мала предност пред новоформираната левичарска алијанса.





