Едно лице повредено во пожарот на отпад за старо железо во Визбегово

Едно лице е повредено во пожарот што денеска избувна на отпад за старо железо во скопско Визбегово, каде интервенираа еден „Ер трактор“ и полициски хеликоптер во гаснењето на пламенот.

Полицијата го привела соптвеникот на отпадот, а противпожарните екипи го ставаат под контрола пожарот.

„Денеска во 09.16 часот во СВР Скопје е пријавено дека на отпад за старо железо на улица Брсјачка Буна има пожар односно дека горат хаварисани возила, на кои имало монтирано плински уреди и се слушаат детонации од истите. До сега нема зафатено приватен имот – куќи. Се преземаат мерки за гасење на огнот и расчистување на случајот. До овој момент едно лице е повредено и е пренесено за укажување лекарска помош. Поради непочитување наредба од службено лице, приведен е А.Н., сопственик на правното лице што управува со отпадот“, соопштија од МВР.

Од МВР информираат и дека полициски хеликоптер „Аугуста бел 212“ бил упатен да помогне во гасењето на пожарот во Визбегово.

„Беа извршени повеќе фрлања на вода но поради засилениот ветер и густиот чад, за сега хеликоптерот е повлечен во базата, соопшти МВР.

Во гаснењето на пожарот покрај пожарникари и возила од Комунална хигиена, вклучени се и еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хеликоптер.

„По барање на Центарот за управување со кризи веќе дејствува авион „Ер Трактор“ на ДЗС за гаснење на пожарот во реонот на Визбегово. Пожарот се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини. Има опасност бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи. По барање на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш побарана е воздушна поддршка за справување со пожарот. Укажано му е на градоначалникот на Шуто Оризари доколку се процени дека има потреба да пристапи кон евакуација на населението кое се наоѓа во тој реон“, соопшти ЦУК.

Според Центарот за управување со кризи, денеска во земјава до 13 часот се активни 14 пожари на отворен простор.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости