Германија стои зад Израел, но не по секоја цена, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц во своето обраќање до печатот денес во Берлин.
„Никогаш не сум споменал „безусловна поддршка“ за Израел… Ние го поддржуваме Израел, но јасно и гласно кажуваме што мислиме за одредени ситуации“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц, одговарајќи на прашање од новинарите за време на традиционалната прес-конференција пред летниот одмор.
На прашањето од новинарите дали премисата дека безбедноста на Израел е „државен интерес“ на Германија, како што ја формулирале претходниците на Мерц, сè уште важи, Мерц (Христијанско-демократската унија ЦДУ) одговори дека безбедноста на Израел е важна за Германија, но не по секоја цена.
„Сакаме да му помогнеме на Израел, но јасно и гласно кажуваме што сметаме за неприфатливо… Она што моментално се случува во Газа е неприфатливо и тоа му го ставив јасно до знаење на Бенјамин Нетанјаху“, рече Мерц.
Во исто време, тој ги отфрли споредбите меѓу Израел и Русија во врска со воведувањето санкции.
„За разлика од Русија, Израел е демократска земја. Израел исто така беше нападнат. Доколку Израел не се бранеше, повеќе немаше да постои“, заклучи Мерц.





