Во своето обраќање до нацијата, сирискиот претседател Ахмед ал-Шараа се осврна на последните случувања во покраината Сувејда, предупредувајќи на опасностите од внатрешни предавства и странско влијание.
„Тесните интереси на одредени поединци во Сувејда доведоа до отстапување од националниот правец. Се појавија личности со сепаратистички амбиции, кои се потпираат на странски сили и предводат вооружени групи што брзо преминуваат во насилства, убиства и злосторства“, изјави претседателот.
WATCH: Syrian President Ahmad al-Sharaa's full speech regarding the situation in Suwayda:
— Clash Report (@clashreport) July 19, 2025
The narrow interests of some individuals in Suwayda contributed to diverting the compass, as separatist ambitions emerged among some figures who were emboldened by foreign powers and led… pic.twitter.com/iBBbPpIJVr
Тој посебно ја нагласи улогата на арапските племиња во зачувувањето на државноста и социјалната стабилност.
„Арапските племиња во Сирија отсекогаш биле симбол на благородни вредности и принципи. Нивната историја е исполнета со чесни ставови, солидарност и жртви во поддршка на државата, особено во време на тешки предизвици.“
Во говорот, ал-Шараа повика на воздржаност и разумност во однос на друзката заедница.
„Не треба целата заедница на друзите да се осудува поради постапките на мала група поединци, чии ставови не ја претставуваат длабоката и достоинствена историја на оваа заедница.“
Претседателот истакна дека државата останува цврсто определена да ги заштити сите заедници и малцинства во Сирија.
„Сириската држава е посветена на заштитата на сите свои граѓани и заедници. Ќе продолжиме да ги изведуваме пред лицето на правдата сите одговорни за злосторства – без разлика од која страна доаѓаат. Никој нема да избега од одговорност.“
Говорот заврши со порака на национално единство, заемна доверба и соработка меѓу сите делови на сириското општество, во интерес на мирот, стабилноста и државното единство.





