Независниот американски сенатор Берни Сандерс го обвини Израел за блокада на Појасот Газа и за изгладнување на децата до смрт, велејќи дека продажбата на оружје од САД помага во поттикнувањето на таа политика.
Во видео порака објавена на социјалната мрежа X, Сандерс потсети дека Израел 11 недели целосно го блокирал доставувањето хуманитарна помош за Газа – храна, вода и лекови. Тој нагласи дека дури и по притисокот од меѓународната заедница, обемот на залихите останува минимален и не ги покрива потребите на населението.
„Како резултат на овие нехумани дејствија во Газа, населението страда од масовна неухранетост. Десетици деца починаа од глад“, рече сенаторот.
„Од почетокот на израелските напади во Газа, околу 60.000 луѓе се убиени, а повеќе од 140.000 се повредени. Шеесет проценти од загинатите се жени, деца и стари лица. Повеќе од 90 проценти од домовите се уништени, стотици училишта се срамнети со земја, здравствениот систем е уништен, а појасот останува без електрична енергија“, рече Сандерс.
Тој потсети дека САД испратиле десетици милијарди долари воена помош за Израел.
„Со други зборови, нашите даноци и нашето оружје ја поддржуваат оваа бруталност. Американскиот народ не сака нивните даноци да се користат за изгладнување на децата во Газа“, рече Сандерс.
Сенаторот вети дека ќе бара прекин на снабдувањето со оружје за Израел и дека ќе изврши притисок врз американската влада во Сенатот.





