Во Србија мирните граѓански протести се претворија во сериозни инциденти со запалувања, судири и насилен отпор кон безбедносните сили.
Во Валјево демонстрантите фрлаа пиротехника врз канцеларијата на партијата на претседателот Александар Вучиќ, како и врз зградата на општината. Дел од масата гаѓала полиција со камења и шишиња, на што полицијата одговорила со солзавец. На улиците на Валјево излегле околу 4.000 луѓе, додека уште 5.000 протестирале во Нови Сад.
Предходната ноќ (15 август) беа уапсени 18 лица, а еден полицаец е повреден. Во Нови Сад демонстрантите влегоа во штабот на владејачката партија, додека во Белград беа фрлани огномети во масата. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ најави заострување на мерките.
Протестите во Србија траат од ноември 2024 година, по трагедијата во Нови Сад кога се урна покривот на железничката станица и загинаа 16 лица. Граѓаните ја обвинуваат власта за корупција и небрежност. И покрај оставките на министерот за градежништво, на премиерот и уапсениот изведувач, протестното движење продолжува да се засилува и бара заминување на Вучиќ и предвремени избори.





