Блискоисточното агенство на ООН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) излезе со писмено соопштение во кое нагласи дека војната на Израел во Газа се претворила во „војна против децата“ и мора веднаш да биде запрена.
„Децата секогаш мора да бидат заштитени“, се вели во документот.
Според податоците на агенцијата, 660 илјади деца трета година по ред остануваат без училиште. УНРВА предупреди дека палестинските деца ризикуваат да станат „изгубена генерација“ и упати апел за итен прекин на огнот и враќање на децата во училиштата и нормален живот.
➡️ Министерството за образование на Палестина соопшти дека новата учебна година на окупираниот Западен Брег ќе започне на почетокот на септември. Сепак, во Газа околу 700 илјади ученици беа приморани да го прекинат своето образование, а 70 илјади средношколци не посетуваат настава веќе две учебни години.
Според податоците на министерството, од 7 октомври 2023 до 26 август 2025 година Израел убил повеќе од 17 илјади ученици, како и 1.261 универзитетски студент во Газа. Повеќе од 25 илјади ученици и 2.671 студент биле повредени.
На Западниот Брег во истиот период биле убиени 108 ученици и 35 студенти, повредени се околу 739 ученици и 231 студент, а уапсени се 372 ученици и повеќе од 413 студенти.
Меѓу просветните работници Израел убил 739 наставници од основни и средни училишта и 226 универзитетски професори во Газа, додека над 3.091 наставник и 1.421 универзитетски работник биле повредени. На Западниот Брег загинале пет наставници, 21 бил повреден, а уапсени се над 182 наставници и околу 17 универзитетски професори.
Министерството нагласи дека Израел со поддршка од САД продолжува со практики на масовни убиства, уништувања и насилно протерување, игнорирајќи ги меѓународните повици и одлуките на Меѓународниот суд.
Според најновите податоци, во војната во Газа загинале 63.371 Палестинец, од кои повеќето деца и жени. Над 159.835 се ранети, а повеќе од 9 илјади се водат како исчезнати. Од глад починале 332 лица, меѓу кои 124 деца.





