„Прашањето не е зошто претседателот на Републиката не се сретна со израелскиот министер за надворешни работи, туку вистинското прашање е – зошто израелскиот министер беше поканет во Загреб и зошто претседателот на Парламентот, премиерот и министерот за надворешни работи се сретнаа со него?“, напиша Милановиќ на Фејсбук.
Пантовчак остро реагираше на изјавата на израелскиот министер во Загреб.
„Колку е погрешно да се сретнеш со член на израелската влада покажува неговата денешна изјава во која ја споредува Хрватската татковинска војна и израелската агресија врз Газа! Ова е навредливо за Хрватска и за сите жртви на агресијата врз Хрватска, бидејќи Хрватска се бранеше, за разлика од Израел, кој беснее и убива десетици илјади луѓе во Газа. Како да не беше доволно тоа, целиот центар на Загреб беше блокиран со часови во чест на израелскиот министер, што не се случува дури ни кога пристигнуваат многу поистакнати и поважни гости“, наведува Кабинетот на претседателот.
За потсетување, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар во вторник беше во официјална посета на Хрватска. Прво се сретна со премиерот Пленковиќ во палатата Бански Двори, а потоа и со министерот за надворешни работи Грлиќ Радман. Пристигнувањето на израелскиот министер беше проследено со протести во Загреб.
На прашање од новинар за изјавите на претседателот Милановиќ, кој претходно оцени дека израелските акции во Газа претставуваат етничко чистење и криминална политика, Саар одговори дека ги цени „одговорните земји и влади“ како што се Хрватска, Германија и Италија, кои според него имаат избалансиран пристап.
„Што се однесува до претседателот на Хрватска и некои други политичари, тоа е жално. Жал ми е што сме нападнати во време кога радикалниот ислам нè напаѓа од сите фронтови. Ги отфрлам ваквите обвинувања и ве потсетувам дека Хрватска исто така беше обвинувана во минатото, но знаеме дека овие обвинувања не беа фер“, рече Саар.





