Тајлер Робинсон, 22-годишниот осомничен за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк на Универзитетот Јута Вали, се појави преку видео врска во Окружниот суд на округот Јута во вторник откако формално беше обвинет за убиството.
Робинсон е обвинет за седум кривични дела, вклучувајќи тешко убиство, нелегално поседување огнено оружје, две обвиненија за попречување на правдата, две обвиненија за манипулирање со сведоци и извршување насилно кривично дело во присуство на деца.
Кога се појави на суд, Робинсон зборуваше само кога беше замолен да го потврди своето име. Скај њуз објави дека тој инаку молчел и изгледал смирен за време на краткото сослушување.
Обвинителите на Јута во вторник вечерта објавија дека ќе бараат смртна казна за обвинетиот.
Робинсон е притворен без кауција во затворот во округот Вашингтон, каде е ставен под „протокол за посебен надзор“ што вклучува засилен мониторинг.
Во судските поднесоци, обвинителите наведоа дел од нивните докази против Робинсон, кој беше на слобода повеќе од 30 часа пред конечно да се предаде.
Кратко по пукањето, рекоа обвинителите, Робинсон му испратил СМС-порака на својот цимер во која му рекол „престане да работиш, погледни под мојата тастатура“. Цимерот, кого службениците го опишаа и како романтичен партнер на Робинсон и трансродово лице, потоа пронашол хартиена порака од Робинсон на која пишувало: „Имам шанса да го скинам Чарли Кирк и ќе ја искористам“.
Потоа цимерот го прашал Робинсон во СМС-порака: „Ти не си тој што го направи тоа, нели????“. Робинсон одговорил: „Јас сум, жал ми е“, според транскриптот од наводниот разговор.
Обвинителството објасни дека во пораките Робинсон наводно признава дека го застрелал Кирк затоа што му било „доста од неговата омраза“. Пораките, исто така, ги детализираат неговите обиди да стигне до скриената пушка, која ја украл од дедо му, како и упатствата до својот цимер да го избрише нивниот разговор.
Малку подоцна, беше објавена целата преписка меѓу Робинсон и неговиот цимер.





