Трамп рече дека сите заложници во Газа наскоро ќе бидат ослободени и дека Израел ќе ги повлече трупите на договорената линија како прв чекор кон „силен, траен и вечен мир“.
„Многу сум горд што можам да објавам дека Израел и Хамас ја потпишаа првата фаза од нашиот мировен план. Ова значи дека сите заложници наскоро ќе бидат ослободени и Израел ќе ги повлече своите трупи на договорената линија како прв чекор кон силен, траен и вечен мир. Сите страни ќе бидат третирани праведно! Ова е голем ден за арапскиот и муслиманскиот свет, Израел, сите околни земји и Соединетите Американски Држави, и им се заблагодаруваме на медијаторите од Катар, Египет и Турција, кои работеа со нас за да го оствариме овој историски и невиден настан“, напиша Трамп на својот профил на Truth Social.
Хамас претходно соопшти дека постигнал договор по дискусијата за предлогот на Трамп, потврдувајќи дека договорот вклучува израелско повлекување од енклавата и размена на заложници и затвореници.
Хамас ги повика Трамп и земјите гаранти да обезбедат Израел целосно да го спроведе прекинот на огнот. Групата, исто така, соопшти дека ќе ги ослободи 20-те заложници кои се уште се живи уште овој викенд, а извори велат дека размената со палестинските затвореници ќе се случи во рок од 72 часа од потпишувањето на договорот, што се очекува во четврток.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, реагираше на објавата на Трамп.
„Им се заблагодарувам на претседателот Трамп и на неговиот тим од дното на моето срце за нивната посветеност на оваа света мисија за ослободување на нашите заложници“, напиша Нетанјаху.
With the approval of the first phase of the plan, all our hostages will be brought home. This is a diplomatic success and a national and moral victory for the State of Israel.
— Benjamin Netanyahu - בנימין נתניהו (@netanyahu) October 8, 2025
From the beginning, I made it clear: we will not rest until all our hostages return and all our goals…
Нетанјаху додаде дека ова е „голем ден за Израел“ и дека во четврток ќе ја свика владата за да одобри договор за прекин на огнот во Газа со цел сите заложници да се вратат дома.
Семејствата на заложниците се собраа во Тел Авив по објавата на Трамп за да ја прослават одлуката. Тие скандираа „Нобелова награда за Трамп“.
Палестинците во Газа реагираа на веста со мешавина од радост и неверица.
„Искрено, кога ја слушнав веста, не можев да се воздржам. Солзи радосници ми течеа по лицето. Две години бомбардирање, терор, уништување, загуба, понижување и постојано чувство дека можеме да умреме во секој момент“, изјави Самер Џудех за новинската агенција АФП од Газа.





