Шаара во САД: „Не се срамам што се борев против Американците – Израел нема да запре до Минхен“

По историската прва посета на еден сириски претседател во Белата куќа, Ахмед ал-Шараа, поранешен борец во Сирија и Ирак, даде ексклузивно интервју за The Washington Post, во кое зборуваше за обновата на односите меѓу Дамаск и Вашингтон, преговорите со Израел, американските санкции, исчезнувањето на новинарот Остин Тајс и за својот пат – од борец до шеф на држава.

Шараа, кој зборуваше со помош на преведувач, истакна дека неговата главна цел е да се отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји кои, како што рече, „сто години беа на спротивни страни на историјата“.

„Најважната цел на оваа посета беше изградба на односи меѓу Сирија и Соединетите Американски Држави, бидејќи во изминатите сто години тие односи не беа добри. Ги баравме заедничките интереси и ги најдовме – од безбедносни до економски. Стабилноста на Сирија влијае врз целиот регион, а нејзината нестабилност исто така“, изјави Шараа.

Говорејќи за американските санкции, тој истакна дека економскиот развој и стабилноста се директно поврзани со нивното укинување.

„За овие прашања разговараме со месеци и постигнавме добри резултати, но ја чекаме конечната одлука,“ рече тој.

На прашањето за судбината на американскиот новинар Остин Тајс, кој исчезна во Сирија, Шараа изјави дека „за време на војната што поранешниот режим ја водеше против сопствениот народ исчезнаа стотици илјади луѓе, меѓу нив и странци“.

„Формиравме комисија за исчезнати лица и се фокусираме на случаите на американски државјани. Координираме со американските власти и разговарав со мајката на Остин Тајс – прекрасна жена. Мојата мајка ја запозна, бидејќи и самата помина низ иста болка; јас бев исчезнат седум години и сите мислеа дека сум мртов, освен таа,“ изјави сирискиот претседател.

Одговарајќи на прашањето за своето воено минато, Шараа порача дека „борбата не е срамота ако има благородна цел“.

„Го бранев својот народ од неправда. Водев многу битки, но никогаш не убив невини. Западните политики предизвикаа многу бесмислени војни во нашиот регион, и денес многу Американци признаваат дека тие политики беа грешка,“ рече тој.

Сектачко насилство и малцинства

Шараа призна дека Сирија сè уште се соочува со последиците од долгогодишната војна и диктатура.

„Земјата се опоравува од шест децении тиранија. Ние сме во транзиција, а транзицијата никогаш не е лесна,“ изјави тој, споредувајќи ја ситуацијата со Американската граѓанска војна.

„По граѓанската војна во САД, стабилноста не дојде за една година. Потребни се години за обновување на државата и законот. Во Сирија, поединечни групи ја искористија религијата или етничката припадност како оправдување за лични интереси. Но, Сирија е дом на различни вери веќе 1.400 години – и ние сè уште живееме заедно,“ порача Шараа.

Тој потсети дека Сирија десет години војувала против  ИСИС без помош од Западот.

„Денес Сирија е способна самата да ја преземе одговорноста. Присуството на какви било странски сили што не се под државна контрола создава простор за враќање на ИСИС,“ рече Шараа, додавајќи дека американските сили во Сирија може да имаат „надзорна улога“ во интеграцијата на курдските сили во државните структури.

Преговори со Израел

Говорејќи за односите со Израел, Шараа откри дека преговорите се во тек и дека „отишле далеку“.

„Кога падна режимот на Башар ал-Асад, Израел го поништи договорот за раздвојување на силите од 1974 година и зазеде нови подрачја во Сирија. Изведоа над илјада воздушни напади од 8 декември, вклучувајќи и бомбардирање на претседателската палата. Ние не одговоривме затоа што сакаме да ја обновиме земјата,“ рече Шараа.

„Напредокот на Израел во Сирија нема врска со неговата безбедност, туку со експанзионистичките амбиции. Во директните преговори со Израел стигнавме далеку, но конечниот договор бара Израел да се повлече на границите пред 8 декември. САД се со нас во тие преговори, а и претседателот Трамп го поддржува нашиот став и сака да се забрза постигнувањето решение,“ додаде тој.

„Израел не може вечно да ги шири своите ‘зони на безбедност’“

На прашањето дали Сирија би прифатила демилитаризација на јужниот дел на земјата, Шараа одговори:

„Тешко е да се зборува за демилитаризација, бидејќи ако настане хаос – кој ќе ја штити таа област? На крајот, тоа е сириска територија и ние имаме право да управуваме со неа.“

Тој предупреди дека Израел не може бескрајно да го оправдува ширењето на своето влијание со „заштита на своите граници“.

„Го зазедоа Голан за да ‘го заштитат Израел’, а сега поставуваат услови за југот на Сирија за да ‘го заштитат Голан’. Ако продолжат така, еден ден, сликовито кажано, ќе стигнат до Минхен,“ рече тој.

Односите со Русија и прашањето за Асад

На прашањето за поранешниот претседател Башар ал-Асад, кој според извештаите се наоѓа во Русија под заштита на Москва, Шараа изјави дека тоа прашање е „тешко, но неизбежно“.

„Военo се судривме со Русија десет години. Неколку пати објавија дека сум убиен. Но, сега ни треба Русија – постојана членка на Советот за безбедност на ОН, чииот глас ни е потребен. Не сакаме да ги туркаме во спротивен табор, но Сирија нема да се откаже од правото да го изведе Асад пред правдата,“ рече Шараа.

Ахмед ал-Шараа, кој некогаш се бореше против американските сили во Ирак, денес е првиот сириски претседател што стапнал во Овалната сала на Белата куќа. Неговата посета на Вашингтон означува драматичен пресврт во сириско-американските односи — од децении на непријателство до можен почеток на ново партнерство.

„Соединетите Американски Држави и Сирија имаат многу заеднички интереси. Ако го градиме мирот, го градиме не само за нас, туку за целиот Блиски Исток,“ порача Шараа.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости