Неколкучасовен проблем во услугите на „Клаудфлер“ (Cloudflare) денеска предизвика прекини и забавување на делови од глобалната интернет-мрежа, што беше почувствувано и кај нас.
Среќна околност е што техничкиот дефект е надминат и повеќето веб-страници повторно функционираат нормално.
Проблемите се појавиле околу 6:40 а.м. EST, кога голем број корисници почнале да пријавуваат грешки „500 Internal Server Error“ при обид да пристапат до различни онлајн сервиси. Меѓу засегнатите платформи беа „Икс“ (поранешно Twitter), ChatGPT на OpenAI, Spotify, Canva и други.
Сите страници и апликации што зависат од „Клаудфлер“ за DNS, CDN или безбедносни услуги се соочија со непристапност или сериозно забавување. Корисниците редовно добиваа пораки за грешка дека страниците не можат да се вчитаат.
„Клаудфлер“ е една од клучните компании за интернет-инфраструктура, обезбедувајќи CDN, заштита од DDoS напади и подобрување на брзината и безбедноста на веб-страниците. Преку својата широка глобална мрежа, компанијата функционира како „штит“ и „засилувач“ помеѓу корисниците и серверите.
Од компанијата соопштија дека се запознаени со проблемот и работат на анализа на причините што влијаеле на голем број клиенти.
Експертите предупредуваат дека ваквите инциденти ја откриваат ранливоста на интернетот – мал број компании управуваат со огромен дел од онлајн инфраструктурата, па секој нивен застој предизвикува масовни последици.





