Неколку млади од ирачкиот Курдистан тврдат дека биле намамени да заминат за Русија со лажни ветувања за брак со Русинки и добивање руски пасош, а на крајот биле испратени директно на украинскиот фронт.
Според сведоштвата, регрутери им ветувале дека по пристигнувањето во Русија ќе им биде обезбедена сопруга, легални документи и работа. Но, веднаш по влезот во земјата, младите биле пренесени во воени кампови и распределени во единици што потоа биле испратени на линијата на судирите во Украина.
Еден од измамените Курди, кој успеал да стапи во контакт со семејството, изјавил дека „меѓу регрутираните има многу Курди и ирачки Арапи“ и дека ниту еден од нив не бил претходно информиран дека ќе се бори во војна.
Неговиот брат за регионални медиуми додаде:
„Не им кажуваат дека ќе ги пратат на фронт. Сè е измама – им ветуваат брак и документи, а завршуваат во ровови.“
Случајот предизвикува загриженост меѓу семејствата на исчезнатите млади во Ирак, кои бараат реакција од локалните власти и од меѓународните организации, предупредувајќи дека ваквите регрутациски мрежи стануваат сè поагресивни.





