Политичкиот аналитичар и поранешен дипломат Арсим Зеколи почина рано утрово на 60-годишна возраст.
Од него се простија бројни јавни личности, меѓу кои и потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, кој на социјалните мрежи објави емотивна порака за нивните средби и разговори низ годините.
„Со тага ја примив веста за смртта на амбасадорот Арсим Зеколи. Арсим беше исклучително образован и начитан човек, со свое мислење кое не се двоумеше да го каже, без разлика дали тоа некому му се допаѓаше или не“, напиша Османи.
Тој посочи дека и покрај честите јавни критики од страна на Зеколи, тоа никогаш не ги спречувало да се среќаваат и да разговараат за меѓународната политика, регионот и геополитичките случувања.
Османи потсети дека за време на неговото претседавање со ОБСЕ често го поканувал Зеколи во својот кабинет, истакнувајќи дека како поранешен дипломат и амбасадор во Мисијата на ОБСЕ во Виена, секогаш нудел интересни и поинакви гледишта.
Во својата објава, Османи сподели и лична анегдота, наведувајќи дека Зеколи секогаш одбивал кафе при посетите во Министерството, со образложение дека не сака да добие ништо од луѓето на власт за никому да не остане должен, „па дури ни за едно кафе“.
„Таков беше Арсим. Сочувство до семејството и најблиските“, порача Османи.
Арсим Зеколи беше долгогодишен дипломат, политички аналитичар и јавен коментатор на политичките и општествените случувања во земјата и регионот.





