Светот се наоѓа во предворјето на можен поширок конфликт, каде што веќе беснеат два фронта: Источниот и Блиско-источниот.
На ред е внатре-европскиот, а прашање на време е јужно-азискиот.
Пишува: Јасмин Реџепи
Пред секоја војна постои зовревање на ситуацијата, па долевање масло во оган, па жртви кои никој не ги брои, па политичко жнеење на плодовите на крајот.
Економската ситуација е главен двигател на народот за излегување на протести и барање правда на улица.
Таа состојба вешто се спинува од страна на иницијаторите на целата ситуација. Тие одредуваат измислени виновници, тие генерализираат цели етнички, верски или политичко-идеолошки групи. Потоа ги таргетираат по мејнстрим медиумите, по социјалните мрежи и по разните конференции за безбедност. На широките маси секогаш им треба виновник и лесно ја голтаат пропагандата и радо се вклучуваат во институционалната и вон-институционалната просекуција на таргетираните групи од населението.
Да поедноставам, сегашните случувања се модернизирана и убрзана реприза на случувањата во Европа од пред еден век.
Европа беше епицентарот на двете Светски војни, па зошто не би била и на Третата? Зошто некој би ја штедел сега, кога самата Европа не успеа за толку време вистински да се обедини и да изгради функционален систем кој ќе ја заштити од можните надворешни закани, како и од веќе познатите внатрешни екстремно десни ксенофобични закани? Таа авто-имуна екстремно-десничарска болест како канцер метастазираше низ сите европски држави и институции, па под плаштот на својата дегенерација ќе ја обедини Европа, многу побрзо отколку во минатиот век.
Со ова, првите два стадиуми за ескалирање војна се исполнети, додека пак иницијаторите ја собираат нивната прва жетва на политичките избори. Изборите таму се своевиден референдум: да се продолжи со палење на светот или да се локализираат постоечките фронтови.
За сега, освен Макрон што ги разоткри и ги посочи Трамп и Нетанјаху за главни и глупави иницијатори и хушкачи, па му се случи смртоносен исламофобичен и расистички мотивиран напад, другите европски лидери молчат. Од страв или се поткупени, историјата ќе покаже, ако има кој да ја напише после сè.
Жртвеното јагне е одредено. Како и пред Втората Светска војна, така и сега левицата е главен политички виновник, заедно со непожелните мигранти кои им ги вршат валканите работи, како и муслиманите кои треба да ги заменат Евреите, како што исламофобијата го замени антисемитизмот.
Вината на левицата е што не ја научија лекцијата од пред 100 години и што не создадоа ефикасен нерепресивен систем за заштита од идните (веќе сегашни) нео-нацисти.
Вината на мигрантите е што не сфаќаа дека европските вредности, права и слободи се исклучиво за Европјаните, и тоа не за сите, и што бараа подобар и посигурен свет за живот од оној кој истите колонизатори и нео-колонизатори им го осиромашија и уништија со војни.
Вината на муслиманите е што мислеа дека крстоносните походи се минато, дека разумот надвладеал над омразата, дека ренесансата инспирирана од исламскиот напредок создала Европа чиишто вредности се толку блиски со исламските и дека интеграцијата на муслиманите во европското општество само ќе придонесе кон подобар развој на истото.
Европа заборавила дека јудаизмот, христијанството и исламот водат заедничко потекло од Блискиот Исток, и дека ако едната цивилизација е адекватна за еден простор, тоа важи за сите три, а отстранувањето на било која е како раздвојувањето на атомот.
Имајќи го предвид превисокото издвојување за воен буџет од над 2 милијарди евра, позицирањето на 34-то место во светот за увоз на тешко наоружување и честите изјави на Вучиќ за тој неизбежен конфликт, балканските земји со право го поставуваат прашањето за улогата на Србија во целава приказна. Иако повеќето балкански држави се членки на НАТО, сепак, поради иницирачката улога на Србија во првата Светска војна, агресорската улога при распадот на Југославија и дестабилизирачката улога која ја има во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Македонија, загрижено гледаат на тој сосед како реална регионална закана.
Тамошните избори не смеат да нè залажуваат, ништо нема да се смени. Народ кој не расчистил и не се дистанцирал од геноцидните и агресорските злодела од своето минато, не може да направи одржлив исчекор кон позитивна иднина.
Што се однесува до Македонија, која се наоѓа во тешка економска криза и води питачка политика, нека не нè чудат посетите од страна на нашите политичари на држави чиишто лидери се на списокот на обвинети за воени злосторства и геноцид од страна на Меѓународниот Суд на Правдата. Не оставиле врата на која не тропнале, не оставиле банка во која не се задолжиле, не оставиле буџет од кој не се омрсиле, па сега јадат трошки од крвавите раце на иницијаторите на широкиот конфликт. Но тука не застанува приказната, бидејќи трошките секогаш најскапо се плаќаат.
Секој од нив ќе мора да ја одработи дадената агенда и има своја улога во ширењето на таа хушкачка пропаганда по телевизии, социјални мрежи, по конференции, по факултети и по училишта.
Секој од нив има одговорност за веќе започнатите ксенофобични мантри по медиумите, за утрешното ширење на говор на омраза меѓу граѓаните, префрлањето вина врз гореспоменатите групации, што на крајот ќе резултира со очекуваните дела од омраза, дискриминација, со институционална персекуција врз поединци и интелектуални преставници, со монтирани судски случаеви (што не е ново во државава), со одредување на подобни и неподобни граѓани, враќајќи ги на маргините на општеството, обесправени и изолирани.
Најавите за дестабилизација се веќе пуштени во јавност. Да видиме режијата каква престава и подготвила на јавноста.





