Разорен земјотрес уби стотици во Туркије и Сирија

Силен земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтер ја погоди Туркије со епицентар во областа Пазарџик во Кахраманмараш и северозападна Сирија. Бројот на загинати досега изнесува 284 во Туркије и најмалку 237 загинати во Сирија.

0:40 Русија: Подготвени да испратиме тим за спасување од 100 луѓе

Министерството за вонредни ситуации на Русија соопшти дека два авиони од типот Илјушин Ил-76 и тим за потрага и спасување од 100 луѓе се подготвени да тргнат за Туркије.

Во соопштението на министерството се наведува дека по налог на рускиот министер за вонредни ситуации Александар Куренков, тим за потрага и спасување од 100 луѓе е подготвен да тргне во Туркије.

10:20 Ковачевски со сочуство до Туркије

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски упати порака за сочуство до Туркије и настраданите во земјотресот.

„Ужасна вест за земјотресот во Турција која не растажи сите. Во мое лично и во име на граѓаните на Северна Македонија изразувам длабоко сочуство кон Реџеп Таип Ердоган за изгубените животи, и посакувам брзо опоравување на повредените“, објави Ковачевски на неговата Фејсбук страница.

9:47 Светските лидери изразија солидарност со Туркије

Светските лидери од ЕУ, НАТО и голем број земји изразија поддршка за Туркије по силниот земјотрес.

„Длабоко сум тажен откако дознав за разорниот земјотрес што погоди делови на Туркије и Сирија. Моето најдлабоко сочувство до бројните семејства кои ги загубија животите и посакувам брзо опоравување на повредените“, порача Шарл Мишел претседателот на Европскиот совет.

„Длабоко сум ожалостена по ужасниот земјотрес на турско-сириската граница. Моите мисли се со настраданите, со заглавените под урнатините, повредените и со сите спасувачи кои прават сé што можат за да спасат животи“, порача Роберта Мецола претседателката на Европскиот парламент.
„Во контакт сум со претседателот Реџеп Таип Ердоган и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, а сојузниците од НАТО во моментов мобилизираат поддршка“, рече Јенс Столтенберг генералниот секретар на НАТО.

Изразувајќи сочувство со турскиот народ, француската министерка за надворешни работи Катрин Колон порача дека Франција е подготвена да ѝ пружи помош на Туркије.

„Упатуваме наши најдобри желби до граѓаните и сите наши турски пријатели кои се погодени од земјотресот што се случи во Кахраманмараш и кој се почувствува во многу градови, и се надеваме дека ќе ја надминеме оваа катастрофа со најмала штета“, соопшти руската Амбасада во Анкара изразувајќи ја својата солидарност.

09:30 Спасувачки тимови од Холандија и Романија на пат кон Туркија

Спасувачките тимови од Холандија и Романија веќе се на пат за Туркије за да и укажат помош по разорниот земјотрес, изјави денес европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчиќ.

„Центарот за координација на ЕУ за итни ситуации го координира распоредувањето на спасувачките тимови од Европа. Тимови од Холандија и Романија се веќе на пат“, објави Ленарчиќ на Твитер, изразувајќи солидарност со Туркије.

09:10 Ердоган од Анкара ќе координира со АФАД

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се очекува во Анкара да пристигне во седиштето на АФАД – Турската управа за управување со катастрофи и вонредни состојби од каде ќе ја координира активноста околу катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,4 степени кој ја погоди земјата со епицентар во областа Пазарџик.

Во тек се подготовки на претседателството за посета на критичните места откако ќе биде направена проценка на состојбите.

08:02 Серија на потреси

Напорите на спасувачките екипи во потрага по преживеани во урнатите згради и домови е во тек.

Земјотресот во Туркије се случи на длабочина од 7 километри и беше проследен со 66 последователни потреси, според АФАД, вклучително и два со јачина од 6,4 и 6,5 степени што ја погодија југоисточната провинција Газиантеп

06:27 Украина ќе и помогне на пријателска Туркије

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена да ја обезбеди потребната помош на пријателскиот турски народ по земјотресот.

„Шокиран од веста за смртта и повредата на стотици луѓе како резултат на земјотресот во Туркије. Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите и на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Во овој момент стоиме блиску до пријателскиот турски народ, подготвени да ја пружиме потребната помош“, напиша Зеленски на Твитер.

06:13 Италија го намали предупредувањето за цунами по земјотресот

Италијанските власти го намалија рејтингот на предупредувањето за цунами за јужна Италија, кое беше покренато по силен земјотрес што ја погоди централна Турција и северозападна Сирија.

05:20 САД се подготвени да ја обезбедат „сета помош“

„САД се длабоко загрижени од извештаите за денешниот деструктивен земјотрес во Туркије и Сирија“, рече американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.

„Ние сме подготвени да обезбедиме секаква и целата потребна помош“, рече тој, додавајќи дека претседателот Џо Бајден ги упатил УСАИД и другите партнери на федералната влада „да ги проценат опциите за одговор на САД за да им помогнат на најпогодените“.

„Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата во координација со владата на Туркије“, рече Саливан.

04:47 МВР на Туркије: Мобилизирани сите спасувачки тимови

Според турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, првичниот земјотрес бил со епицентар во областа Пазарџик во провинцијата Караманмарас и ги погодил провинциите Хатај, Газиантеп, Османије, Адијаман, Малатија, Шанлиурфа, Адана, Дијарбекир и Килис.

„Јачината од 7,4 степени предизвикува сериозно уништување. Во моментов сите наши гувернери се на чело на нивните должности. Жандармеријата, полицијата, турските вооружени сили, екипи за катастрофи и итни случаи, турската Црвена полумесечина и тимови за пребарување и спасување од целата земја се испратени во регионот“, изјави Сојлу за медиумите.

Турската управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) соопшти дека земјотресот со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала се случил во 04:17 часот по локално време, а епицентарот бил во областа Пазарџик. Земјотресот е регистриран на длабочина од 7 километри.

По првичниот земјотрес следеа два силни последователни потреси со јачина од 6,4 и 6,5 степени според Рихтер, кои ја погодија југоисточната провинција Газиантеп.

TRT Balkan

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости