На 4 април 2025 година, Република Македонија за првпат во своето постоење гласаше против резолуции во Советот за човекови права на Обединетите нации кои го поддржуваат правото на палестинскиот народ на самоопределување и ја осудуваат израелската окупација и колонијални практики.
Оваа одлука, со која нашата земја систематски го минимизираат страдањето на Палестинците, е срамна, болна и длабоко разочарувачка. Но ние, како медиум кој го носи пулсот на Чаршијата, на народот и на правдата – не се согласуваме со оваа позиција. Ова не е гласот на вистинската Македонија.
Македонија е земја што знае што значи неправда. Земја на народ кој ја ценел слободата повеќе од животот. Да гласаш против нечија слобода, против правото на еден народ да биде свој на своето, значи да ја изгубиш својата душа.
Во Газа, бројот на убиени надмина 50.800 – најголем дел жени и деца. Над 115.700 се повредени. Домови се уништени, болници бомбардирани, гладот и стравот станаа секојдневие. А нашата држава реши да го сврти погледот. Ние од Чаршија Тајмс нема да го направиме истото.
До палестинскиот народ – ви се извинуваме! За гласот што не ве призна. За тишината од институциите. За изгубената морална насока на тие што денес не нѐ претставуваат.
Вие не сте сами. Иако државата згреши, совеста на народот не е замолчена. Ние веруваме дека правото на слобода, достоинство и самоопределување не е политичко – тоа е човечко. И тоа е неотуѓиво.
Ги повикуваме институциите на Македонија да ја преиспитаат оваа срамна позиција. И уште поважно – ги повикуваме граѓаните, медиумите, уметниците и активистите да не молчат. Да се исправиме пред историјата со исправена кичма и јасен став.
Во име на правдата,
Редакцијата на Чаршија Тајмс





