Во рамките на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, премиерот Христијан Мицкоски, заедно со владината делегација, ја посети величествената „Џамија Шеик Зајед“ во Абу Даби — архитектонско ремек-дело изградено од бел мермер, симбол на духовноста, толеранцијата и единството.
Оваа џамија не само што претставува едно од највпечатливите верски и културни обележја на Емиратите, туку и место што ги спојува традицијата и современоста, отворајќи врати за луѓе од сите вери и нации. Посетата остави силен впечаток и претставува потсетник за значењето на меѓусебното почитување, разбирање и дијалог меѓу народите – напиша Мицкоски на социјалните мрежи
Во рамките на посетата, премиерот Мицкоски оствари и официјална средба со Претседателот на ОАЕ и владетел на Абу Даби, Н.В. шеикот Мухамед бин Зајед Ал-Нахјан, на чие покана се реализира оваа посета.
Фокусот на средбата беше зајакнување на билатералната соработка и разгледување на можностите за инвестиции во клучни сектори како инфраструктурата, агро-бизнисот, обновливите извори на енергија, туризмот, иновациите и новите технологии.









