(ФОТО) Жителите на Истанбул ја поминаа ноќта на отворено поради земјотресот

Вчера Истанбул го погоди земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, а според официјалните информации, најмалку 236 лица се повредени при обид да бегаат поради паника

 По силниот земјотрес што го погоди Истанбул дел од жителите ја поминаа ноќта во општинските спортски сали и јавните паркови, јавува Анадолу.

Вчера Истанбул го погоди земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, а според официјалните информации, најмалку 236 лица се повредени при обид да бегаат поради паника.

Епицентарот на земјотресот е регистриран во подрачјето на Силиври кај Истанбул, соопшти Управата за вонредни ситуации (АФАД).

Земјотресот се случи во 12:49 по локално време и беше силно почувствуван низ целиот Истанбул, кој има над 15 милиони жители, како и во соседните области, предизвикувајќи масовно напуштање на објектите.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја информираше дека земјотресот се случил на длабочина од околу 7 километри и траел 13 секунди.

Според канцеларијата на гувернерот, повредени се 236 лица, претежно при обид да скокаат од височини поради страв, но ниеден не е во животна опасност.

„До 17:55 часот регистрирани се вкупно 127 последователни потреси, а најсилниот беше со јачина од 5,9 степени“, изјави Јерликаја.

Министерот за животна средина, урбанизам и климатски промени, Мурат Курум, информираше дека преку линијата за итни случаи 112 примени се 378 пријави за структурни оштетувања, а девет куќи се идентификувани како небезбедни и ќе бидат евакуирани.

АФАД соопшти дека нема пријави за загинати или целосно урнати објекти, а сите надлежни институции и спасувачки тимови се мобилизирани на терен.

Од канцеларијата на гувернерот предупредија да не се влегува во оштетените згради, да се избегнува непотребно користење на возила и мобилните мрежи да се користат само во итни случаи. 

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости