Како што пишува „Ле Паризиен“, осомничениот Оливие Х. е француски државјанин од христијанско семејство со единаесет деца, дел од медиумите пренесуваат и дека имал босанско потекло.
Тој има дваесет години, прима социјална помош (RSA) и, според извори блиски до истрагата, поголемиот дел од времето го поминува играјќи видео игри и читајќи исламофобични портали. Неговото семејство живее во социјални станови во Ла Гранд-Комб, објавува Франс 24.
Оливие Х., роден во 2004 година во Лион, немал криминално досие и не им бил познат на локалните безбедносни служби. Според обвинителот од Алес, Абделкарим Грини, тој не ја познавал својата жртва.
„Случаен чин со можна расистичка или исламофобична, антимуслиманска позадина е една од хипотезите што ги истражуваме“, рече обвинителот. Тој исто така истакна дека се проценува психолошкиот и психијатрискиот профил на напаѓачот.
Истражителите засега немаат информации за тоа каде се наоѓа осомничениот. Повремено доаѓал во Гард, каде што живее дел од неговото семејство. Неговиот помлад брат, малолетник, беше приведен во саботата на испрашување во обид да се добијат дополнителни информации, но беше ослободен истата вечер без да бидат поднесени обвиненија. Според извори од истрагата, таткото на осомничениот е познат на полицијата по помали кривични дела.
За време на терористичкиот напад во петокот, Оливие Х. варварски ја снимал жртвата со својот мобилен телефон додека умирала, според извор близок до истрагата.
Оваа информација ја потврди обвинителот Грини, нагласувајќи дека е од „клучно значење“ осомничениот да биде уапсен што е можно поскоро.
Жртвата на нападот беше млад човек со потекло од Мали, на возраст меѓу 23 и 24 години. Тој редовно волонтирал во џамијата, каде што ги чистел просториите секој петок пред џумската молитва. Тој бил сам во џамијата во времето на нападот.
Снимките од безбедносните камери ги прикажуваат Оливие Х. и Абубакар како се среќаваат и разговараат, а потоа заедно влегуваат во џамијата.
„Жртвата почнува да се моли, напаѓачот го имитира, а потоа одеднаш вади нож и го прободува неколку пати“, опиша обвинителот, истакнувајќи ја „посебната ладнокрвност“ и „големата самоконтрола“ што ги покажал терористот.
По терористичкиот напад се огласи и премиерот на Франција на X кој го осуди терористичкиот напад.
Un fidèle a été assassiné hier près d’Alès à la mosquée de la Grande-Combe. L’ignominie islamophobe s’est exhibée sur une vidéo. Nous sommes avec les proches de la victime, avec les croyants si choqués. Les moyens de l’État sont mobilisés pour que l’assassin soit saisi et puni.
— François Bayrou (@bayrou) April 26, 2025
Членови на француската левица, вклучувајќи го и лидерот на партијата „Инвиктус“ Жан-Лук Меланшон, повикаа на митинг против исламофобијата што ќе се одржи вечерва во Париз, по убиството на муслиман во џамија на југот од земјата, за кој постои сомневање дека е убиен од Французин со босанско потекло.






