🗣️ Борел: Не верувам дека најновото примирје во Газа ќе издржи – кревко е како претходните две

Поранешниот висок претставник на Европската Унија за надворешна политика, Жозеп Борел, изјави дека не верува ниту во најновото примирје во Газа, посочувајќи дека е исто толку кревко како и претходните две, објавија денес шпанските медиуми.

„Ова е трет пат договорот за примирје да биде прекршен, а во претходните два случаи Израел еднострано го прекрши“, рече Борел, кој учествува на форумот „Свет во напредок“ во Мадрид.

Тој додаде дека е тешко да се зборува за примирје кога „само во изминатите неколку часа, 40 Палестинци се убиени во израелско гранатирање“, пренесува Каденасер.

Според Борел, она што е потпишано во Египет не може да се смета за мировен договор, бидејќи за да се квалификува како такво, мора да ги вклучи завојуваните страни, а Палестинците не се дел од тој договор.

Тој додаде дека договорот е постигнат по дискреционо право на Израел и дека во него дури и не се споменува Западниот Брег, и дека тоа е само начин американскиот претседател Доналд Трамп да се обиде да ја добие Нобеловата награда за мир.

Борел изјави дека средбата во Египет била „уште еден чин на слава за Трамп, кој ги остави сите лидери да го чекаат два часа“.

Според него, тоа била демонстрација на ароганција и сила.

Поранешниот функционер на ЕУ, исто така, изјави дека верува оти ембаргото за оружје на Шпанија врз Израел е предоцна, залагајќи се сите форми на притисок да продолжат.

Борел, исто така, изрази жалење што неговата наследничка во Европската комисија, Каја Калас, не донесува одлуки во оваа насока, и покрај тешкотиите во обезбедувањето мнозинство.

„Може да се направи повеќе. Ако беа навистина загрижени за оваа нелегална окупација, можевме да ги казниме. Не би им дале визи да дојдат и да се сончаат кај нас, бидејќи израелските доселеници, кои нелегално го окупираат Западниот Брег, исто така би можеле да дојдат во нашите куќи“, рече тој.

Борел се осврна и на војната во Украина, додавајќи дека ниту овде не гледа позитивно на тоа прашање.

„Секој пат кога Трамп разговара со Путин, рускиот претседател му ласка и го освојува“, рече тој.

Како контраст, тој ги наведе тензиите за време на средбата меѓу Трамп и украинскиот претседател, кога Зеленски побара оружје, а американскиот лидер го повика да отстапи територија.

„Постои многу лесен начин да се заврши војната, а тоа е да се остави Украина без оружје. Ако не може да се одбрани, тогаш мора да се предаде“, рече Борел.

Зборувајќи за реакцијата на НАТО на руските провокации со беспилотни летала, поранешниот функционер оцени дека оваа реакција била дипломатска и дека не станува збор за напад, додавајќи „дека ако кажете дека сте биле нападнати, мора да одговорите“.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости