Летот FZ1073 на „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив бил пренасочен кон Табук, Саудиска Арабија, по инцидент во пилотската кабина во кој, според извештаи на израелските медиуми и сведоштва на патници, дошло до физичка пресметка меѓу двајцата пилоти.
Во авионот, „Боинг 737 MAX 8“, имало околу 174 патници, меѓу кои 27 деца. Сите патници и членовите на екипажот безбедно слетале во Табук.
Авионот летал на височина од околу 34.000 стапки кога над северозападниот дел на Саудиска Арабија нагло се спуштил за околу 17.000 стапки, при што биле регистрирани промени во височината и брзината.
Особено внимание предизвикала промената на кодовите на транспондерот. Најпрво бил активиран кодот 7700, кој означува општа итна состојба, по што накратко бил активиран 7500, код што се користи за киднапирање или незаконско мешање во летот. Потоа повторно бил активиран кодот 7700.
Активирањето на кодот 7500 предизвикало реакција на израелските воздухопловни сили, кои испратиле борбени авиони. Премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана одржале безбедносни консултации.
Подоцна било утврдено дека станувало збор за инцидент во пилотската кабина, а не за надворешна безбедносна закана.
Според сведоштва на патници објавени во израелските медиуми, од пилотската кабина се слушале викања, а по отворањето на вратата била забележана крв. Се тврди и дека еден од пилотите бил прободен со џебен нож.

Патниците, исто така, опишале момент на нагло спуштање на авионот кој предизвикал паника во кабината. Според нивните сведоштва, членови на екипажот и патници помогнале да се совлада едно лице.
Неколку израелски медиуми објавија дека капетанот бил Русин, а првиот офицер Украинец, но авиокомпанијата „Флајдубаи“ засега не ги потврди нивните националности ниту имињата.
Израелскиот Канал 14 објави и наводи дека еден од пилотите можеби намерно се обидел да го насочи авионот во нагло спуштање. Овој навод засега не е потврден од надлежните институции.
Мотивот за инцидентот, како и точните околности и евентуалните повреди на пилотите, остануваат предмет на истрага.
Од „Флајдубаи“ соопштија дека летот „доживеал инцидент за време на летот“ и дека од Дубаи испраќаат заменски авион.
По слетувањето во Табук, на авионот биле присутни саудиски безбедносни сили. Во истрагата се вклучени авиокомпанијата и надлежните органи во Саудиска Арабија и Израел.





