(ФОТО/ВИДЕО) Американскиот претставник за антисемитизам се скара со истакнат европски рабин, добивајќи пофалби од Илон Маск

Милијардерот Илон Маск се вмеша во јавна расправија меѓу двајца рабини во врска со причините за современиот антисемитизам. Маск јавно застана на страната на специјалниот пратеник на администрацијата на Доналд Трамп за борба против антисемитизмот, рабинот Јехуда Каплун, поради спротивставените толкувања на изјавите на поранешниот главен рабин на Москва, Пинхас Голдшмидт, дадени на Светскиот економски форум во Давос.

Несогласувањата избувнаа по настапот на Голдшмидт, актуелен претседател на Конференцијата на европските рабини, кој учествуваше на панел-дискусија за антисемитизмот, екстремизмот и општествената кохезија, заедно со Мухамед бин Абдул Карим Ал-Иса.

Голдшмидт изјави дека антисемитизмот во Европа има повеќекратни и меѓусебно испреплетени извори, меѓу кои ги наведе ултрадесницата, ултралевицата и т.н. „радикалниот ислам“. Тој предупреди дека не треба муслиманските заедници да се посочуваат како главен двигател на антисемитизмот и оцени дека најголемата долгорочна закана за европските Евреи доаѓа од екстремистките политички движења, особено од ултрадесниот спектар. Воедно, нагласи дека меѓурелигискиот дијалог е неопходен.

Контроверзии предизвика неговата изјава дека подемот на десничарскиот екстремизам во Европа е реакција на „старите Европејци“ кон новите имигранти од исламските земји.

На ова остро реагираше специјалниот пратеник на САД за борба против антисемитизмот, рабинот Јехуда Каплун, кој јавно го отфрли анализата на Голдшмидт. Каплун изјави дека масовната миграција одиграла значајна улога во неодамнешниот пораст на антисемитските инциденти во Европа и дека минимизирањето на овој фактор значи игнорирање на реалните безбедносни закани со кои денес се соочуваат еврејските заедници.

„Да се обвинува ‘стара Европа’ за денешниот пораст на антисемитизмот е срамно. Гордо служам во администрација која јасно разбира дека масовната миграција е огромен катализатор на антисемитизмот. Таа предизвикува длабоки општествени промени и ја загрозува безбедноста на сите граѓани“, изјави Каплун, додавајќи дека администрацијата на претседателот Трамп и државниот секретар Марко Рубио отворено се соочува со овие предизвици.

Набргу потоа, Илон Маск се огласи на социјалните мрежи, наведувајќи дека се согласува со оценката на Каплун и му се заблагодари што јавно проговорил за ова прашање.

Овој јавен судир дополнително ги истакна растечките поделби меѓу еврејските лидери и политичките актери околу прашањето како да се дефинираат корените на антисемитизмот и кои стратегии се најефикасни во неговото сузбивање.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости