Градоначалничката на германски град е избодена пред нејзината куќа, напаѓачот сè уште не е пронајден

Новоизбраната градоначалничка на Хердек, град во западна Германија, е во критична состојба откако во вторникот била пронајдена со повеќе убодни рани, соопштија властите.

Ирис Сталцер успеала да се врати во својот дом откако била нападната, објави радиодифузерот WDR. Весникот „Билд“ објави дека имала убодни рани на вратот и стомакот.

Обвинителството и полицијата во заедничко соопштение наведоа дека нивната истрага ги разгледува сите можности, додавајќи дека не може да се исклучи можноста дека членови на семејството се вмешани.

Новинската агенција ДПА објави дека нејзиниот син и ќерка, на возраст од 15 и 17 години, се приведени на испрашување. Сталцер е пренесена со хеликоптер во болница, каде што сè уште е на одделението за интензивна нега, се вели во соопштението на властите.

„Билд“ ги цитираше истражителите како велат дека нејзиниот син им кажал на полицајците дека неговата мајка била нападната од група од неколку мажи.

Нападот се случи по регионалната изборна кампања што политичарите во Северна Рајна-Вестфалија, најголемата германска покраина, ја опишаа како исклучително остра и со груб тон.

Сталцер, член на Социјалдемократската партија (СПД), треба да ја преземе функцијата градоначалник на Хердеке во регионот Рур во ноември, по победата на изборите.

Полицијата, барајќи докази, ја блокираше улицата околу куќата на оваа адвокатка за трудово право, која со години беше активна во локалната политика во Хердек, историски град со околу 20.000 жители. На изборите, таа го победи конзервативниот градоначалник со поддршка на Зелените.

Иако мотивот сè уште не е познат, случајот потсети на убиството на конзервативниот претседател на локалната самоуправа Валтер Либке во 2019 година, поддржувач на тогашната канцеларка Ангела Меркел и нејзината политика кон бегалците, кој беше убиен на терасата од неговата куќа од страна на член на екстремната десница.

Четири години претходно, Хенриет Рекер беше избодена од десничарски екстремист еден ден пред да биде избрана за градоначалник на Келн. Таа целосно се опорави и планира да ја напушти функцијата подоцна оваа година.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости