Намибискиот политичар Адолф Хитлер Уунона повторно го задржа своето место во неговата мала северна изборна единица, и покрај контроверзното име.
Политичарот од Намибија, кој го носи истото име како озлогласениот лидер на нацистичка Германија, ја задржа својата функција по петти пат по ред, откако, според извештаите, победил на локалните избори одржани во средата во неговата изборна единица.
Адолф Хитлер Уунона ја претставува Опундја во регионот Ошана од 2004 година како член на Југозападноафриканската народна организација – SWAPO.
Иако Изборната комисија на Намибија сè уште не ги објавила официјалните резултати, според повеќе извештаи, Уунона победил со голема разлика.
59-годишниот е популарна фигура во малата северна изборна единица со помалку од 5.000 жители, освојувајќи 85% од гласовите во 2020 година.
Како регионален советник, тој беше пофален за својата работа на терен и за ангажманот во борбата против апартхејдот, пренесуваат локалните медиуми.
Во интервју за германскиот весник Билд во 2020 година — кога го освои својот четврти мандат — Уунона изјави дека „нема никаква врска“ со нацистичката идеологија.
Тој, исто така, одби каква било идеја за светска доминација.
„Дури кога пораснав сфатив: Овој човек сакал да го пороби целиот свет“, рече Уунона. „Јас немам ништо со тие работи.“
Објасни дека неговиот татко го именувал по озлогласениот нацистички лидер одговорен за холокаустот. Меѓутоа, Уунона истакна дека „веројатно не разбирал“ што значи тоа име.
„Како дете го сметав за сосема нормално име,“ истакна Уунона. „Тоа не значи дека имам карактер како Адолф Хитлер или дека личам на Адолф Хитлер од Германија,“ изјави за намибискиот печат во друго интервју.
Во секојдневниот живот се претставува како Адолф Уунона, но вели дека нема намера да го менува името, бидејќи „веќе е предоцна за тоа“.
Центар-левичарската партија SWAPO потекнува од ослободителното движење на Намибија. Таа се залага за антиколонијална политика, вклучително и отфрлање на владеењето на белото малцинство. Во последните години, партијата се помести кон центарот и кон пазарно ориентирани политики.
Намибија некогаш била германска колонија и дел од Германска Југозападна Африка, а германските имиња како Адолф се уште се чести.
По Првата светска војна, таа била под јужноафриканска управа сè до независноста во 1990 година.
Извор: Euronews





