Верските средни училишта ќе добијат целосна легитимност, а дипломите од медресата „Иса Бег“ и другите верски училишта ќе бидат изедначени со оние од сите други средни училишта во државата.
Ова го објави Зеќирија Ибрахими, претседател на Алтернатива и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, на денешната прес-конференција. Тој го нарече вчерашниот ден историски за образованието и верниците во Северна Македонија, откако Владата го усвои предлог-законот за средни училишта на верските заедници.
– По неколку децении тивка дискриминација, конечно се обезбедуваат еднакви права за учениците од медресата „Иса Бег“ и другите верски училишта. Тие ќе имаат гимназиско образование со дополнителни верски предмети и ќе полагаат државна матура, исто како и секој друг ученик – истакна Ибрахими.
Според него, новиот закон е не само техничка, туку и морална победа, со која државата покажува почит кон верата и знаењето. Тој нагласи дека верските училишта отсега ќе бидат целосно интегрирани и почитувани во националниот образовен систем.
– Ова е доказ дека ниту една заедница, вера или чувство повеќе нема да останат во сенка. ВЛЕН не манипулира со верските чувства – ние ја почитуваме секуларноста на државата, но и правото на секој граѓанин на верска припадност – рече Ибрахими.
Ибрахими упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, првиот вицепремиер Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и заменик-министерот Лулзим Алиу, како и до сите кои учествувале во подготовката на законот.
Предлог-законот сега оди во Собранието, а Ибрахими ги повика сите пратеници да го поддржат и, како што рече, да докажат дека се за еднакви образовни права за сите граѓани.






