Петмина членови на персоналот на Ал Џезира беа убиени во израелски напад во близина на болницата Ал-Шифа во Газа, објави каналот.
Дописниците Енес ал-Шариф и Мухамед Кураика, како и снимателите Ибрахим Захер, Мухамед Нуфал и Моамен Алива, биле во шатор за новинари во близина на главната порта на медицинскиот објект кога се случил нападот.
Во соопштението на каналот инцидентот е наречен „уште еден очигледен и намерен напад врз слободата на печатот“.
Кратко по нападот, израелската армија потврди дека Енас ал-Шариф бил целта, но во соопштението не се споменуваат другите убиени новинари.
Вкупно седум лица загинаа во нападот. Првично, каналот објави за смртта на четворица свои вработени, но подоцна разјасни дека имало пет жртви.
Уредникот на Ал Џезира, Мухамед Муавад, за Би-Би-Си изјави дека ал-Шариф е акредитиран новинар и „единствениот глас“ што му носи информации на светот за ситуацијата во Газа.
Тој нагласи дека за време на конфликтот, Израел не им дозволил на меѓународните новинари слободно да работат во Појасот Газа, па затоа многу медиуми биле принудени да се потпрат на локалните новинари.
„Тие беа нападнати во нивниот шатор, не снимаа на фронтовската линија“, рече Муавад.
Според него, активностите на израелските власти имаат за цел „да ги попречат сите канали за известување од Газа“.
„Не сум видел ништо вакво во модерната историја“, додаде тој.





