Шефицата за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас, изјави дека Русија ги одолговлекува преговорите и нема намера наскоро да ја заврши војната.
Во нејзината изјава се вели дека дури и за време на состаноците на делегациите, Москва ги продолжила своите напади врз Украина.
„Суровата реалност е дека Русија нема намера да ја заврши оваа војна во скоро време. (Рускиот претседател Владимир) Путин продолжува да ги одолговлекува преговорите и се надева дека ќе се извлече неказнето. Тој го напушти Анкориџ без да преземе никаква обврска да ги запре убиствата“, рече Калас.
Според неа, САД се способни да ја принудат Русија да се вклучи во сериозни преговори, а ЕУ ќе соработува со Вашингтон и Киев за да обезбеди одржлив мир.
„Москва нема да ја заврши војната сè додека не сфати дека не може да ја продолжи“, нагласи таа.
Калас додаде дека Европа ќе продолжи да ја поддржува Украина, вклучително и преку новиот – 19-ти – пакет санкции против Русија.
Таа, исто така, нагласи дека „вистинската причина за војната е империјалистичката надворешна политика на Русија, а не некоја замислена нерамнотежа во европската безбедносна архитектура“.
Да потсетиме дека Доналд Трамп претходно им кажа на европските лидери дека Владимир Путин сака „мировен договор“, а не прекин на огнот.
Во понеделник, украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе отпатува за Вашингтон на разговори со Трамп.





