Најмалку 20 лица загинаа, а десетици беа повредени кога камион што превезувал хуманитарна помош се преврте во толпа луѓе што чекале да ја примат во централниот дел од Појасот Газа рано утрово во среда.
Во соопштението од канцеларијата за медиуми на владата во Газа се нагласува дека израелската војска продолжува да го ограничува пристапот до хуманитарна помош, со што ја влошува хуманитарната криза.
„Под притисок на израелската окупација, во намерно создаден хаос, хуманитарен камион беше испратен по претходно бомбардиран и непрооден пат во областа Деир ел-Балах. Возилото се преврте врз Палестинците кои се обидуваа да донесат храна. Како резултат на трагедијата, 20 лица беа убиени, а десетици беа повредени“, се вели во соопштението.
Израелската шема за испорака на помош е широко критикувана и опишана како „стапица на смртта“ што ја влошува хуманитарната криза меѓу цивилите.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 1.568 лица кои се обидувале да добијат хуманитарна помош биле убиени, а уште 11.230 повредени во израелското гранатирање во близина на американските центри за дистрибуција на помош од 27 мај.
Од октомври 2023 година, според истото министерство, најмалку 188 лица, вклучувајќи 94 деца, починале од глад и неухранетост.
Од 7 октомври 2023 година, и покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија продолжи да спроведува масовна воена операција во Газа. Според достапните податоци, повеќе од 61.000 Палестинци загинаа во оваа кампања, од кои речиси половина жени и деца. Воените акции на Израел ја уништија инфраструктурата на Појасот Газа и го доведоа на работ на глад.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Газа.





