Катар им се закани на земјите од Европската унија дека ќе ги прекине испораките на течен природен гас (LNG), доколку Европа не го измени своето законодавство во врска со испораките на енергенси. Ова стои во писмото на катарскиот министер за енергетика Саад Шерида Ал-Кааби, испратено до неколку земји членки на ЕУ.
„Државата Катар и компанијата QatarEnergy сериозно ќе разгледаат алтернативни пазари надвор од ЕУ кои нудат постабилни и поповолни услови за бизнис,“ напиша министерот.
Како што пренесува германскиот магазин Welt, оваа остро формулирана реакција е предизвикана од новите европски прописи кои, според Катар, премногу строго го регулираат енергетскиот бизнис. Особено се спорни еколошките барања кои, според катарските власти, ги надминуваат обврските од Парискиот климатски договор. Иако, под притисок на Германија, одредени норми веќе се ублажени, Катар сè уште инсистира на ревизија на правилата.
Германската влада досега не даде конкретен коментар, повикувајќи се на „доверливост на комуникацијата“ со странски држави. Од Европскиот парламент потврдија дека писмото е примено и дека се водат политички консултации за изнаоѓање на решение внатре во ЕУ.
Катар е еден од главните снабдувачи на Европа со течен гас, покривајќи околу 10,8% од европската побарувачка. Според плановите, од 2026 година Катар требаше да започне со испорака на до 2 милиона тони LNG годишно во Германија – што е околу 3% од вкупната годишна потрошувачка на земјата.
Доколку Катар ја реализира својата закана, тоа би можело сериозно да ја загрози енергетската стабилност на Европа и да ги наруши плановите на ЕУ за целосно откажување од рускиот гас до 2028 година.





