Крајнодесничарите во Америка повикуваат на пресметка со левицата по атентатот врз Чарли Кирк: „Ова е војна“

Американскиот политички коментатор и десничар Чарли Кирк беше убиен вчера за време на настан на Универзитетот во Јута Вали, а неговото убиство предизвика бројни реакции.

Додека мнозинството луѓе поврзани со двете главни партии во САД изразија сочувство до семејството на Кирк и се спротивставија на политичкото насилство, екстремната десница го искористи неговото убиство за да повика на пресметка со своите политички противници.

Голем број екстремно десничарски влијателни личности, поврзани со движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“, како реакција на убиството на Кирк изјавија дека тоа е „објава на војна“.

Сметките на X со повеќемилионски следбеници, контролирани од луѓе од движењето MAGA, објавуваа пораки дека „време е да се справиме со екстремната левица“, поврзувајќи луѓе од ова политичко движење со атентатот.

Некои од нив, исто така, побараа Демократската партија да биде прогласена за „домашна терористичка организација“ и побараа војската да влезе во градовите каде што политичарите од оваа партија се на власт.

Нивните најави, се чини, добија еден вид „амин“ од нивниот лидер, американскиот претседател Доналд Трамп, кој во своето вонредно обраќање по повод убиството на Кирк најави „пресметка со радикалната левица“, која директно ја обвини за ова убиство.

Вреди да се напомене дека убиецот на Кирк сè уште не е пронајден. Две лица беа уапсени, но веднаш беа ослободени кога беше јасно дека нема докази за нивна вмешаност во овој настан.

ФБИ се огласи неколку пати по убиството, а се вели дека интензивно се бара осомничениот во овој случај.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости