Руската приватна компанија „Лукоил“ постигнала договор за продажба на својата меѓународна единица „Лукоил Интернешнл ГмбХ“ на американската инвестициска фирма „Карлајл груп“, информира компанијата.
Продажбата доаѓа по повеќекратни обиди на „Лукоил“ да се повлече од дел од меѓународните пазари, поради санкциите што Соединетите Американски Држави ги воведоа поради војната во Украина. Засега не се соопштува износот на трансакцијата, а договорот не ги опфаќа средствата на компанијата во Казахстан.
Од „Лукоил“ наведуваат дека зделката сè уште подлежи на одобрение од Министерството за финансии на САД, а паралелно продолжуваат разговорите и со други потенцијални инвеститори.
Доколку продажбата биде целосно реализирана, „Лукоил Македонија“ ќе добие нов сопственик. Основачи и содружници на компанијата во земјава се „Лукоил Интернешнл ГмбХ“ и „Литаско СА“.
„Лукоил“ во Македонија располага со мрежа од 40 бензински пумпи, со вработени околу 550 лица и управува со 10 резервоари за складирање гориво.





