Премиерот на Луксембург Лук Фриден и министерот за надворешни работи Ксавиер Бетел вчера ја информирале парламентарната комисија за одлуката, пишува Politico.
Според локалните медиуми, се очекува конечната одлука за признавање да биде донесена подоцна овој месец на Генералното собрание на ОН во Њујорк во координација со неколку други земји, вклучувајќи ги Франција и Белгија. Соопштението доаѓа по месеци двоумење од страна на владата на Луксембург и во услови на растечки повици од европските лидери за прекин на израелската војна во Газа.
Со овој потег, Луксембург се приклучува на растечкиот список на западни земји кои планираат да ја признаат Палестина како независна држава.
Минатиот петок, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се поддржува решение за две држави меѓу Израел и Палестинците, без учество на Хамас.
142 земји гласаа за Резолуцијата. Аргентина, Унгарија, Микронезија, Науру, Палау, Папуа Нова Гвинеја, Парагвај и Тонга им се придружија на Израел и САД во спротивставувањето на резолуцијата.
Ве потсетуваме дека претходно Франција и Австралија објавија дека ќе ја признаат Палестина.





