Македонија отвора амбасада во Саудиска Арабија – Меџити: Важно за државата и верниците

Вицепремиерот Изет Меџити најави дека ќе се отвора македонска амбасада во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, напиша тој на социјалните мрежи. Меџити во објавата вели дека овој чекор е „важен и ќе ја зајакне меѓународната позиција на земјата и ќе ги продлабочи врските со еден од најважните актери во арапскиот свет“.

„Република Македонија наскоро ќе ја отвори својата амбасада во Ријад, главниот град на Кралството Саудиска Арабија. Овој важен стратешки чекор ја зајакнува меѓународната позиција на земјата и ги продлабочува врските со еден од најважните актери во арапскиот свет, како членка на Г20 и најголемата економија во регионот. За нашите граѓани од исламска вероисповед, ова е настан од особено значење“, пишува Меџити.

„Саудиска Арабија е земја на двата најсвети града, Мека и Медина, каде што секоја година илјадници верници од нашата земја го извршуваат хаџот и умрата, како дел од нивната духовна посветеност. Нашето дипломатско присуство таму не е само политичко прашање, туку чин на грижа и блискост со нашиот народ, што ќе ја олесни нивната организација, безбедност и поддршка за време на овие поклоненија“, вели македонскиот вицепремиер во објавата напишана на албански јазик.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости