Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европа не внесува доволно „страв“ кај другите земји за да биде навистина слободна и влијателна.
„Мораме да ги натераме да се плашат од нас”, им рече Макрон на министрите на денешниот состанок, изјави француски функционер близок до претседателот за „Политико”.
Макрон беше забележливо тивок откако американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, постигнаа договор, според кој ЕУ ќе плаќа царини од 15 проценти за поголемиот дел од својот извоз во САД, анализира медиумот.
Денес, тој го критикуваше договорот, но со многу поблаг тон од премиерот Франсоа Баиру, кој рече дека тоа е „црн ден за Европа”.
Денес, претседателот на Франција истакна дека верува оти се уште има време договорот да се подобри и рече: „приказната не е завршена, нема да застанеме тука”.
Францускиот министер за трговија Лоран Сен Мартен и министерот за Европа, Бенџамин Хадад, ја повикаа Европската комисија да престане да го користи таканаречениот инструмент против принуда, алатка дизајнирана да одговори на економскиот притисок што му дава на Брисел моќ да го ограничи пристапот на американските компании до јавни набавки, странски директни инвестиции и финансиски пазари во ЕУ.
Брисел, пак, ги обвини сите критичари дека одлучиле да „играат квотербек” кога се беше договорено и тврди дека овој договор е најдобриот што можеле да го добијат и дека претставува значително подобрување во однос на царините од 30 проценти со кои се закани администрацијата на Трамп.
Дополнително, ЕУ се обврзала да инвестира 600 милијарди долари во САД и да купува американска енергија и воена опрема во вредност од 750 милијарди долари.





