Францускиот претседател Емануел Макрон во средата изјави дека планот на Израел да ја преземе контролата врз Појасот Газа ќе доведе до „тотална катастрофа“ и ќе го „вовлече регионот во трајна војна“. Макрон го повтори својот повик за меѓународна мисија за стабилизирање на регионот.
„Воената офанзива во Појасот Газа што ја подготвува Израел може да доведе само до катастрофа за двата народа и ризикува целиот регион да го потоне во циклус на трајна војна“, напиша францускиот лидер.
Францускиот лидер повика на испорака на хуманитарна помош во голем обем за луѓето од Газа и политичко решение „кое ќе ги задоволи аспирациите на двата народа“.
Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини Макрон за „поттикнување антисемитизам“ откако Франција ја објави својата намера да признае палестинска држава следниот месец. Во писмо до Макрон, Нетанјаху тврди дека одлуката „додава масло на огнот на антисемитизмот“. Француската страна ги нарече обвинувањата „неосновани“ и „погрешни“, а министерот делегат за европски прашања Бенјамин Хадад нагласи дека Франција „нема што да учи“ од Израел во борбата против антисемитизмот.
Во јули, Макрон потврди дека Франција формално ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН, придружувајќи се на најмалку 145 земји-членки на ОН кои веќе ја признаа или планираат да ја признаат палестинската државност.
Претходно во вторник, израелскиот министер за одбрана Израел Кац го одобри планот за окупирање на градот Газа и одобри повикување на околу 60.000 резервисти. Мобилизацијата ќе започне на 2 септември, а планот ќе биде разгледан во кабинетот во наредните денови. Потезите предизвикаа меѓународна осуда, вклучително и критики од Франција, која се залага за дипломатско решение на конфликтот.





