„Хуманитарната блокада на Газа создава ситуација која е неодржлива на терен“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата посета на Сингапур, додавајќи дека „доколку во наредните денови нема одговор што е соодветен на хуманитарната ситуација, ќе мора да ја заостриме нашата позиција“.
Израелското Министерство за надворешни работи во петокот издаде соопштение во кое се вели дека францускиот претседател Емануел Макрон е во „крстоносна војна против еврејската држава“, објави „Хаарец“ .
Министерството ги негираше обвинувањата на Макрон за хуманитарната блокада на Газа од страна на Израел, велејќи дека „фактите не го интересираат Макрон“ и дека неговите изјави се „очигледна лага“.
Претходно во петокот, Макрон изјави дека Франција би можела да го заостри својот став кон Израел ако продолжи да ја блокира хуманитарната помош за Газа, повторувајќи дека Париз е посветен на решение со две држави за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.
„Хуманитарната блокада создава ситуација што е неодржлива на терен“, рече Макрон на заедничката прес-конференција во Сингапур со премиерот Лоренс Вонг.
„Доколку во наредните часови и денови нема одговор што е соодветен на хуманитарната ситуација, очигледно ќе мора да го заостриме нашиот колективен став “, рече Макрон, додавајќи дека Франција би можела да размисли за воведување санкции против израелските доселеници.
„Сè уште се надевам дека владата на Израел ќе го промени својот став и дека конечно ќе имаме хуманитарен одговор“, додаде тој.





