„Не сакаме да умреме за Израел“: Американските војници предупредуваат дека инвазијата на Трамп врз Иран би била апсолутна катастрофа

Можноста за американска копнена операција во Иран се зголемува, но припадниците на војската стационирана во регионот предупредуваат дека таков потег би бил „апсолутна катастрофа“.

Додека војната меѓу САД, Израел и Иран влегува во својата четврта недела, а претседателот Доналд Трамп наредува испраќање илјадници дополнителни војници на Блискиот Исток, трупите на кои смета стануваат сè повнимателни.

Како што објавува американскиот портал „ХафПост“ во текстот, интервјуата со активни војници, резервисти и групи што ги штитат правата на војниците откриваат сериозна криза на моралот. Американските војници зафатени од војната известуваат за чувство на ранливост, огромен стрес, фрустрација и разочарување до тој степен што многумина размислуваат целосно да ја напуштат војската.

Воен службеник кој ги лекува евакуираните војници во Регионалниот медицински центар Ландштул во Германија предупредува дека војниците страдаат поради „несоодветна заштита и планирање“.

Иранските балистички ракети и беспилотни летала постојано ги погодуваат американските воени објекти, а бројот на жртви е веќе голем: досега се убиени 13 американски војници (седум во директни напади), а најмалку 232 војници се ранети.

„Копнена операција би била апсолутна катастрофа… немаме план за тоа. Не можеме целосно да одбраниме ниту една копнена база на тоа бојно поле“, изјавил службеникот за „Хафпост“.

Една од женските резервисти која работи со помлади офицери даде шокантни детали за губењето на довербата меѓу војниците:

„Ги слушам зборовите од устата на војниците: Не сакаме да умреме за Израел, не сакаме да бидеме политички пиони“, рече таа, додека друг резервист потврди дека слушнал идентични коментари на теренот.

Огромен пораст на барањата за „приговор на совеста“

Недостатокот на јасен наратив за оправдување на војната со Иран е клучен извор на незадоволство. Организациите што им помагаат на војниците бележат историски бројки. Мајк Прајснер, извршен директор на Центарот за совест и војна, истакнува дека во претходните години добивале помеѓу 50 и 80 барања годишно. Во март оваа година е забележано зголемување од дури 1.000 проценти. Војниците брзо бараат статус на лица со приговор на совеста пред најавените распоредувања.

Како главна пресвртница, многу војници го наведуваат нападот од 28 февруари врз училиште во иранскиот град Минаб, каде што беа убиени најмалку 175 лица, вклучувајќи десетици девојчиња. Извори запознаени со истрагата на Пентагон изјавија за ХафПост дека САД најверојатно се одговорни за овој трагичен инцидент.

Загриженоста на војниците, исто така, одразува поширока промена во ставовите кон улогата на Америка на Блискиот Исток и поддршката за Израел. Американските војници изразуваат резерви кога го набљудуваат уништувањето во Газа за време на израелската офанзива, а помладата генерација Американци, кои го сочинуваат ‘рбетот на армијата, стануваат исклучително скептични. Неодамнешна анкета на NBC News покажа дека 63 проценти од гласачите под 34 години сега имаат негативен став кон Израел.

Покрај тоа, незадоволството расте поради внатрешната политика на Министерството за одбрана под водство на Пит Хегсет. Резерви се јавуваат поради: употребата на војската и Националната гарда во рамките на границите на САД (работа со ICE и потенцијална употреба против граѓани), прекинувањето на програмите за промовирање на различноста во вооружените сили и прекинувањето на воените партнерства со универзитетите и тинк-тенковите.

„Овој момент е дестабилизирачки поради начинот на кој војската се користи како марионета на администрацијата за спроведување на авторитарна агенда“, рече Мет Хауард од организацијата на ветераните „About Face“.

Како што заклучува интервјуираниот од ХафПост, ако војниците видат дека овие потези не се совпаѓаат со нивниот морален компас и цели, препораката што циркулира меѓу војниците е сè појасна: „Барај излез“.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости