Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се извини за вчерашниот напад во кој загинаа три лица во католичката црква „Свето Семејство“ во градот Газа – единствената католичка црква во палестинската енклава. Тој нагласи дека црквата била погодена „по грешка“.
„Израел длабоко жали што залутан оган ја погоди црквата ‘Свето Семејство’ во Газа. Секој изгубен невин живот е трагедија. Ја споделуваме болката со семејствата и верниците“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот. Израелските власти најавија истрага за инцидентот.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп разговарал со Нетанјаху во врска со нападот. „Вината е на Израелците што ја погодија оваа католичка црква, тоа му го кажа премиерот на претседателот“, додаде таа.
Израелската армија, пак, соопшти дека според прелиминарната истрага, остатоци од граната испукана за време на операцијата во областа случајно ја погодиле црквата.
Францускиот претседател Емануел Макрон остро го осуди нападот преку објава на мрежата Икс и истакна дека разговарал со кардиналот Пицабала, латински патријарх на Ерусалим, кому му изразил „солидарност со сите христијани во Палестина“. Француското Министерство за надворешни работи го осуди нападот како „неприфатлив“.
Според соопштението од Латинската патријаршија на Ерусалим, црквата служела како засолниште за околу 600 раселени лица, од кои повеќето се деца. Во нападот загинале три лица, а десет се ранети, меѓу кои и свештеникот отец Габриел Романели.

Патријаршијата го оцени нападот како „очигледно кршење на човековото достоинство и на светиот карактер на местата за богослужба, кои треба да понудат безбедно засолниште во време на војна“.
Латинскиот патријарх Пјербатиста Пицабала за „Ватикан Њуз“ изјави: „Она што го знаеме со сигурност е дека тенк директно ја погодил црквата. Израелската армија вели дека тоа било случајно, но ние не сме сигурни.“
Папата Лав XIV изрази „длабока жалост“ и повторно повика на „итен прекин на огнот“ во Појасот Газа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го потврди нападот врз црквата и додаде: „Нападите врз цивилното население во Израел со месеци се неприфатливи.“
Во палестинската енклава Газа живеат околу 1.000 христијани. Поголемиот дел се православни, но според Латинската патријаршија, околу 135 се католици.





