Пакистан ги бомбардираше Кабул и Кандахар: Официјално објавија „отворена војна“ против Талибанците

Пакистан изврши воздушни напади врз авганистанските градови Кабул и Кандахар, додека највисоките пакистански претставници објавија дека започнала „отворена војна“ против Талибан. Со овој потег драматично ескалираа повеќемесечните тензии и гранични судири меѓу двете држави.

Експлозии проследени со звук на борбени авиони одекнуваа во главниот град на Авганистан во раните утрински часови, а напади беа забележани и во градовите Кандахар и Пактика, сместени во близина на планинската граница долга околу 2.600 километри.

„Чашата на трпението е прелеана“

Министерот за одбрана на Пакистан, Каваја Мухамед Асиф, преку мрежата X порача дека се исцрпени сите дипломатски опции.
„Нашата чаша на трпението е прелеана. Сега меѓу нас и вас има отворена војна“, наведе Асиф.

Премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, изјави дека државата има „целосна способност да ги скрши сите агресивни амбиции“ и дека армијата ужива целосна поддршка од нацијата. Претседателот Асиф Али Зардари додаде дека сите оние кои пакистанскиот мир го сметаат за слабост ќе се соочат со силен одговор.

Нападите доаѓаат само неколку часа откако Пакистан потврди дека двајца нивни војници биле убиени, а тројца ранети како резултат на „неиспровоцирана стрелба“ и операции на авганистанските талибани долж границата.

Воениот портпарол на талибанците за Би-Би-Си ја смири реториката, изјавувајќи: „Ќе возвратиме ако бидеме нападнати, но во моментов нема да започнуваме судири.“ Жителите на Кабул и локалните власти потврдија дека ситуацијата во утринските часови се смирила, иако двете страни на границата остануваат во состојба на висока подготвеност.

Според локални претставници на талибанската влада во провинцијата Нангархар, пакистански ракети погодиле бегалски камп во кој се сместени Авганистанци повратници од Пакистан. Во нападот, како што тврдат, биле повредени најмалку девет лица – седум жени и двајца мажи.

Аналитичарите посочуваат дека е малку веројатно талибанците да водат конвенционална војна против нуклеарно вооружениот Пакистан, чија армија се смета за една од 15-те најсилни во светот. Наместо тоа, талибанците најверојатно ќе се потпрат на герилска борба, изненадни напади и бомби поставени покрај патишта.

Двете страни тврдат дека му нанеле тешки загуби на противникот. Пакистанските власти наведуваат дека уништиле 27 талибански воени пунктови и убиле повеќе од 130 борци, додека талибанците тврдат дека тие зазеле пакистански бази и усмртиле десетици војници. Овие бројки во моментов не можат независно да се потврдат.

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, ги повика двете страни на итно почитување на меѓународното право и дијалог. Иран понуди посредување во преговорите, додека министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија и Пакистан веќе одржаа итни телефонски консултации за смирување на тензиите.

Поранешниот американски пратеник за Авганистан, Залмај Калилзад, ја нарече ситуацијата „ужасна динамика што мора да се запре“, апелирајќи за итен дипломатски договор кој би го надгледувала трета страна, како што е Турција.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости