Грчкиот весник Катимерини пренесе дека Курдската работничка партија (ПКК) донела одлука за распуштање, со што се стави крај на 40-годишниот тероризам против турската држава. Според анализата, оваа одлука би можела да придонесе за зголемена политичка и економска стабилност во Турција, која како членка на НАТО сè повеќе зазема активна улога во регионалните прашања.
„Одлуката на ПКК да го положи оружјето може да ја зајакне позицијата на Турција во Сирија и Ирак“, пишува Катимерини, додавајќи дека не е исклучено Анкара да го прошири своето влијание и на други фронтови.
Во Грција расте загриженоста дека ваквите развои ќе ја охрабрат Турција да ја прошири својата политичка и економска моќ и на Балканот, каде веќе има присуство преку инвестициска и верска дипломатија, особено во Босна и Херцеговина, Косово и Албанија. Атина внимателно ги следи овие настани, стравувајќи дека новата геополитичка рамнотежа може да влијае врз безбедносната и стратешката стабилност на регионот.





