Побуна во американската војска: Команданти ја туркале верата и приказната за Армагедон во Иран, тврдат дека Исус го избрал Трамп

Во рамки на Оружените сили на Соединетите Американски Држави изби невиден скандал откако беше откриено дека високи офицери им зборувале на војници дека војната со Иран е дел од „Божјиот план“ и дека претседателот Доналд Трамп е божествено избран да го започне „крајот на светот“.

Како што пренесува американскиот новинар Џонатан Ларсен, командант на една борбена единица им рекол на подофицери на брифинг дека претседателот Доналд Трамп „бил помазан од Исус за да запали сигнален оган во Иран, да предизвика Армагедон и да го означи неговото враќање на Земјата“.

Ова, за жал, не е изолиран случај. Од саботата наутро до понеделникот навечер, Фондацијата за воени верски слободи (MRFF) примила повеќе од 110 слични претставки против команданти во речиси сите гранки на американската војска. Според податоците на фондацијата, пријавите доаѓаат од повеќе од 40 различни единици распоредени во најмалку 30 воени бази.

MRFF го чува идентитетот на пријавителите во строга тајност со цел да спречи евентуална одмазда од Министерството за одбрана, додека од Пентагон засега нема коментар за овие шокантни наводи.

Еден од подофицерите, кој се изјаснува како христијанин и чија единица е во состојба на готовност за распоредување во борбена зона, го пријавил инцидентот во име на 15 војници. Меѓу нив има 11 христијани, еден муслиман и еден Евреин.

Тој навел дека нивниот командант побарал да им се пренесе на војниците дека конфликтот со Иран е „дел од божествениот план“, цитирајќи ја Книгата на Откровението и најавувајќи го скорото враќање на Исус Христос. Подофицерот истакнува дека ваквите изјави „го уништуваат моралот и кохезијата на единицата и директно ја прекршуваат заклетвата со која се обврзале на одбрана на Уставот“.

Овој инцидент доаѓа во контекст на политиката на новиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој, според наводите, на највисоките нивоа на американската војска внел евангелистичко христијанство. Хегсет организира месечни молитвени состаноци низ Пентагон на кои и самиот држи говори за Исус Христос, а неодамна бил домаќин и на екстремно десничарскиот христијански националист Даг Вилсон.

Познато е и дека Хегсет присуствува на неделни проучувања на Библијата во Белата куќа. Тие средби ги води проповедникот Ралф Дролингер, кој отворено тврди дека Бог ѝ наредува на Америка да го поддржува Израел затоа што „Бог ги благословува сојузниците на Израел, а ги проколнува неговите непријатели“.

Основачот и претседател на MRFF, ветеран на американските Воздухопловни сили Мајки Вајнстин, изјави дека буквално се „затрупани“ со претставки од почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран. Тој предупредува на грубо кршење на уставната одвоеност на црквата од државата, како и на Единствениот кодекс на воената правда.

„Секој припадник на војската кој се обидува да ги искористи своите подредени промовирајќи ги своите, со крв натопени, христијанско-националистички соништа врз пламените на овој најнов напад врз Иран, треба брзо, агресивно и јавно да биде процесиран“, остар беше Вајнстин, додавајќи дека истата „есхатолошка реторика“ испливува секогаш кога ескалираат конфликтите на Блискиот Исток.

Сличен проблем се случи и непосредно по терористичките напади на 11 септември, кога тогашниот претседател Џорџ В. Буш американската борба против тероризмот несмасно ја нарече „крстоносна војна“. Поради опасноста таквата реторика да биде сфатена како војна на христијанска војска против исламот, администрацијата набрзо го повлече тој термин од употреба.

Сепак, експертите предупредуваат дека под закрилата на актуелната администрација на Трамп, христијанскиот национализам во војската повеќе воопшто не се крие. Останува да се види дали официјалните лица во Пентагон, како и правните застапници на секуларните вредности, ќе успеат да се спротивстават на ваквата радикална „христијанизација“ на војната со Иран.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости