Санчез рече дека прекините на огнот се секогаш добри вести, особено ако водат до праведен и траен мир.
„Но, ова моментално олеснување не може да нè натера да го заборавиме хаосот, уништувањето и изгубените животи. Шпанската влада нема да им аплаудира на оние што го запалија светот само затоа што се појавија со кофа вода“, остро рече тој.
Конечно, тој изјави дека во овој момент се потребни дипломатија, меѓународно право и мир.
Ве потсетуваме дека утрово Трамп ја објави веста за примирјето со Иран. Примирјето беше постигнато во последните моменти пред истекот на рокот поставен од Трамп, а кој се однесуваше на отворањето на Ормутскиот теснец.
Откако Трамп ја објави одлуката за прекин на огнот, од Израел дојде соопштение во кое се вели дека ја поддржуваат одлуката на Трамп да ги суспендира нападите врз Иран за две недели.
„Израел ја поддржува одлуката на претседателот Трамп да ги суспендира нападите врз Иран две недели, под услов Иран веднаш да ги отвори теснецот и да ги запре сите напади врз САД, Израел и земјите во регионот“, рекоа Израелците.




