Шпанија: Прекинот на електрична енергија се очекува да трае од 6 до 10 часа

– Денес околу пладне дојде до прекин на електричната енергија низ Португалија, Шпанија и Андора, како и во делови од Франција

 Шпанскиот национален енергетски снабдувач денес соопшти дека тековниот прекин на електричната енергија низ Шпанија и Португалија би можело да трае од шест до 10 часа, според локалните медиуми, јавува Анадолу.

Едуардо Прието, директор за услуги на шпанскиот енергетски снабдувач Ред Електрика, истакна дека прекинот е „исклучителен и целосно вонреден“ и дека ќе бидат потребни од шест до 10 часа за негово санирање, според „Ел Паис“.

Од Ред Електрика, исто така, истакнаа дека електричната енергија почнала да се враќа на север и југ на полуостровот и дека тековниот прекин на електрична енергија, чија причина и понатаму е непозната, сѐ уште претставува проблем за транспортот во многу области.

Денес околу пладне дојде до прекин на електричната енергија низ Португалија, Шпанија и Андора, како и во делови од Франција.

Властите ги истражуваат причините за прекинот. Шпанскиот национален институт за кибербезбедност, исто така, истражува дали прекинот може да е предизвикан од кибернапад.

Шпанската Влада свика итен состанок во шпанскиот национален енергетски снабдувач Ред Електрика. Ќе присуствуваат шпанскиот премиер Педро Санчез и неколку министри.

Мадридските власти, исто така, свикаа итен состанок за координирање на активностите за справување со прекинот на електрична енергија.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости