Сирија ја призна независноста на Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека Сирија ја признала независноста на Република Косово.

Османи, која е во официјална посета на Ријад, изјави дека со поддршка на престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, во Ријад е постигнат договор со кој Сириската Арапска Република ја признава Република Косово.

Османи му се заблагодари на сирискиот претседател Ахмед ал-Шара за одлуката за признавање на Косово, како и за неговата поддршка за Косово.

„Народите на Косово и Сирија многу страдаа и жртвуваа за да ја постигнат слободата. Затоа, ова меѓусебно признавање денес не е само признавање на државниот суверенитет, туку и признание за жртвата на многу генерации за слободен живот“, рече Османи.

Таа му се заблагодари и на престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија „што го овозможи овој историски чин меѓу нашите две држави“.

Со признавањето од страна на Сирија, Косово сега е признато од 120 земји од светот.

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости