Словенија воведе санкции против Бенјамин Нетанјаху: Прогласен за персона нон грата

Владата на Словенија донесе одлука да му забрани влез на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со што стана првата членка на Европската Унија што воведе таква мерка против израелскиот премиер.

Оваа одлука доаѓа по претходните санкции против двајца израелски министри – министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрих, кои беа прогласени за непожелни лица поради, како што е наведено, „геноцидни изјави“ против Палестинците.

„Јавноста е свесна дека против него се води постапка за воени злосторства и злосторства против човештвото. Меѓународниот суд на правдата на 19 јули 2024 година утврди дека голем број израелски политики и практики го кршат меѓународното хуманитарно право и човековите права“, изјави државната секретарка во Министерството за надворешни работи Нева Грашиќ по владината седница.

Минатиот август, Словенија стана првата членка на ЕУ што воведе ембарго за извоз на оружје за Израел, а во јуни 2024 година им се придружи на Норвешка, Шпанија и Ирска во признавањето на Палестина како независна држава. Со ова, таа дополнително ја потврди својата позиција меѓу најгласните европски критичари на потезите на Израел во Газа.

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН во вторник, предупреди на геноцидот во Газа, повикувајќи ја меѓународната заедница да преземе итни мерки:

„Треба да го направиме правилното. Ние не го запревме Холокаустот, не го запревме геноцидот во Руанда, не го запревме геноцидот во Сребреница. Мора да го запреме геноцидот во Газа. Нема повеќе изговори. Нема никакви.“

Каква ќе биде улогата на Турција во светската политика во следните години?

слични новости