Во време кога сè повеќе граѓани и организации во Македонија го креваат гласот за правдата и солидарноста со Палестина, контроверзен дипломатски гест од страна на Претседателката на државата отвори нов бран на критики.
Меѓу најгласните реакции се најде и јавниот став на активистката и правничка Мерсиха Смаиловиќ, која на својот Фејсбук профил остро реагираше на, како што таа го нарекува, „тенденциозен политички сигнал“, наведувањето на Ерусалим како главен град на Израел. Во продолжение го пренесуваме нејзиниот статус во целост:
Наведувањето на Ерусалим како главен град на Израел не е само дипломатски гаф – тоа е свесен и тенденциозен политички сигнал.
Спротивно на официјалната позиција на нашата дипломатија која пред осум години, заедно со земјите-членки на ЕУ, одби да го следи диктатот на Трамповата администрација, денес гледаме отворено поништување на таа позиција.
Со ова, нашата држава де факто зазема став што оди во прилог на незаконитата окупација на Западниот Брег, поткопувајќи ја меѓународната правна рамка и принципите на правдата кои треба да бидат темел на секоја демократска држава.
Ќе молчиме ли повторно?
Или конечно ќе излеземе на улиците?
Чаршија Тајмс продолжува да следи и да пренесува гласови кои потсетуваат на важноста на принципите на меѓународното право, човечките права и достоинството. Вашите мислења, коментари и реакции се добредојдени.





