Со слоганот Протестираме за плата, работниците и синдикалците во Северна Македонија излегоа на протест во Скопје по повод 1 Мај – Денот на трудот, јавува Анадолу.
Протестот започна од Работничкиот дом, продолжи пред Собранието и Стопанската комора и заврши пред Владата на РСМ.
Работниците побараа покачување на минималецот на 500 евра, зголемување на сите останати плати во државата за 100 евра и почитување на колективните договори.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, пред Владата истакна дека две минимални плати не овозможуваат основни трошоци за живот на едно четиричлено семејство и дека ќе излезат во поголем број ако не се зголемат платите. Тој нагласи дека бараат пристојна плата за пристојна работа.
Тие побараа од Владата да биде на страната на работниците, на граѓаните, а не на страната на газдите, на олигарсите и на работодавачите.
Порачаа дека Владата треба да го следи примерот на владите во регионот кои ги покачија платите.
Претставниците на синдикатите упатија критики до синдикалните организации кои денеска не излегоа на првомајскиот протест.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во над 80 земји во светот. Се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што во 1886 година се одржа во Чикаго на кој се бараше осумчасовно работно време.





